• петок, 05 декември 2025

Тројца уапсени при судири меѓу полицијата и пропалестински демонстранти во Антверпен 

Тројца уапсени при судири меѓу полицијата и пропалестински демонстранти во Антверпен 

Брисел, 3 ноември 2025 (МИА) – Три лица се уапсени вечерва за време на судири меѓу белгиската полиција и пропалестински демонстранти на централниот градски плоштад Гроте Маркт во Антверпен. 

Како што јави белгискиот јавен радиодифузен сервис ВРТ, полицијата употребила водени топови и солзавец за да ги принуди демонстрантите да се повлечат од плоштадот Гроте Маркт. 

Локалните власти на Антверпен воведоа забрана за одржување протести на Гроте Маркт, како и на популарната улица „Саукерау“, која поаѓа од плоштадот и минува низ стариот дел на градот. 

Според портпаролката на полицијата во Антверпен, Ким Бастијанс, и покрај забраната учесниците на демонстрациите, организирани од групата Антверпенска коалиција за Палестина, се собрале на улицата „Саукерау“ и од таму се упатиле пред зградата на Градската управа, што се наоѓа на Гроте Маркт. 

- Бевме во голем број, а присуствуваа и тимовите за посредување за да ги упатиме до локација каде што се дозволени протести, рече Бастијанс. 

Според неа, кога полициските сили се обиделе да ги потиснат демонстрантите дошло до судир меѓу нив и полицајците, при што полицијата употребила солзавец, а потоа и водени топови. 

Бастијанс прецизира дека по полициската интервенција демонстрантите биле потиснати на локација на брегот на реката Схелд, каде што е дозволено одржување протестни собири.  

Антверпенската коалиција за Палестина секој понеделник организира протести на Гроте Маркт со барање за преземање мерки за справување со хуманитарната криза во Појасот Газа, кои досега минуваа без позначајни инциденти. 

Но, локалните власти минатата недела воведоа забрана за одржување собири на плоштадот, која денеска ја потврди и Државниот совет на Белгија, кој ја има улогата на врховен административен суд на земјата. Сепак, и покрај забраната, Коалицијата за Палестина реши и денеска да организира протест на Гроте Маркт. сп/јт/ 

Фото: Принтскрин 

Остани поврзан